Театар и стенд-ап

Три сестри

Три сестри

Опис

РЕЖИСЕРСКА БЕЛЕШКА Што е тоа што нè тера да сакаме да избегаме од сопствениот живот, да се чувствуваме туѓи во него, да сакаме да започнеме одново? Зошто животот толку често ни изгледа како да се наоѓа некаде на друго место, во некое идно време, во некој друг град, во некоја друга верзија од нас самите? „Три сестри“ е претстава за промашените животи, погрешните одлуки, прекинатите соништа и за постојаната човечка потреба да се започне одново. Во центарот се луѓе кои копнеат по поинаков живот, но не успеваат да се ослободат од минатото. Тие живеат помеѓу она што го паметат и она што го замислуваат, помеѓу носталгичните слики за она што можело да биде и стравот дека она што допрва треба да дојде можеби никогаш нема да се случи,помеѓу вредностите со кои се растени и светот во кој тие вредности сè повеќе исчезнуваат. Во таа смисла, со „Три сестри“ сакав да ја истражам токму оваа состојба на изгубеност на поединецот во современиот свет и да проговорам за личните и општествените кризи што ја создаваат. Да зборувам за луѓето кои постепено се оддалечуваат од сопствените желби, од оние што ги сакаат, па и од самите себе. Во оваа приказна препознавам нешто длабоко присутно во времето и просторот во кои живееме: генерации луѓе кои сè уште имаат желба за промена, но сè помалку веруваат дека таа промена е навистина можна. Но нивната лична криза не е изолирана. Таа е дел од една поширока општествена криза. Преку интимните неуспеси, разочарувања, зависности, стравови и нерешени односи на ликовите, претставата отвора прашања за општеството во кое живееме - за неговите аномалии, за кризата на вредностите, за осаменоста, емиграцијата, за обезвреднувањето на знаењето и трудот, и за чувството на немоќ на поединецот пред механизмите што го одредуваат неговиот живот. Колку од нашите погрешни избори навистина се само наши? Колку можеме да бидеме одговорни за сопствениот живот кога условите во кои живееме постојано ни ја одредуваат границата на можностите? Колку општеството влијае врз нашата состојба на изгубеност, колку нашето минато нè определува, а колку самите ние? Новиот текст за претставата, кој го напишавме Васил Христов и јас, а инспириран од истоименото дело на Чехов, го отвора токму тој простор на соочување со кризите на нашето време, со ерозијата на хуманизмот и со постепеното потиснување на знаењето, мислата и интелигенцијата во современото општество. Затоа, „Три сестри“ не ја гледам само како приказна за едно семејство кое не успева да се придвижи. Ја гледам како приказна за луѓе и за едно општество заглавени во мртва точка. Сите знаат дека треба да се помрднат, сите зборуваат за промена, сите сонуваат за некаде и некогаш, но никој не успева навистина да тргне. Тие остануваат тука. Нивната неспособност да се разберат, нивните различни желби, повредувања и премолчувања се дел од истата потреба - да не останат сами. Она што ги разединува е истовремено и она што ги држи заедно. Можеби токму затоа минатото станува толку силно. Кога иднината изгледа недостижна, минатото станува единственото место во кое можеме повторно да живееме. Во него ги чуваме луѓето што сме ги изгубиле, верзиите од себе што сме можеле да бидеме и иднините што никогаш не се случиле. Во тој простор помеѓу желбата за промена и неможноста да се направи чекор, помеѓу личната одговорност и општествените околности, помеѓу минатото и иднината, ја наоѓам денешната „Три сестри“. Не ме интересира толку прашањето дали можеме да започнеме одново. Ме интересира што е она што нè спречува да започнеме. Нела Витошевиќ, режисерка * АКТЕРСКА ЕКИПА * КРЕАТИВНА И ТЕХНИЧКА ЕКИПА АКТЕРСКА ЕКИПА Ирина - Дарја Ризова Маша - Наталија Теодосиева Олга - Верица Недеска Андреј - Дамјан Цветановски Александар - Благој Веселинов Иван - Емил Рубен Игор - Ивица Димитријевиќ Наташа - Нина Деан Никола - Антонио Ташковски КРЕАТИВНА И ТЕХНИЧКА ЕКИПА Режисер: Нела Витошевиќ Текст: Васил Христов и Нела Витошевиќ Драматург: Викторија Рангелова - Петровска Превод на драмскиот текст на англиски јазик: Марија Димитриевска Сценограф: Игор Васиљев Костимограф: Роза Трајческа Композитор: Огнен Анастасовски Извршни продуценти: Симона Угриновска и Виктор Рубен Организатор: Тадеа Павловска Инспициент: Саво Ивановски Суфлер: Тања Ивановска Фотограф: Кире Галевски Дизајнер на плакат и програмски каталог: Димитар Димитров Уредник на програмски каталог: Загорка Поп-Антоска Андовска Лектор на програмскиот каталог: Валентина Цветкоска Превод на програмскиот каталог на англиски јазик: Марија Димитриевска Видео и фото материјали: Кристијан Теодоров и Ристе Пејовски Изработка и водење на англиски титл: Марија Димитриевска Технички раководител: Гунтер Кубе Технички координатори: Даниела Атанасова и Југослав Ацески Дизајнер на светло: Игор Митревски Светло - мајстор: Игор Ѓеоргиев Техничари за светло: Горјан Teмелкоски, Дарко Младеновски и Владо Ќулавковски Дизајнер на тон: Ненад Трпеноски Манипуланти на горен и долен погон: Васко Бојаџиски, Горан Димов,Трајче Тасевски и Ивица Урдаревиќ Гардеробери: Валентина Чонкова, Скендер Бериша, Елизабета Стамчевска и Матеј Петровски Реквизитери: Снежана Грнчаревска и Павле Кралевски Шминкери и фризери: Бранка Пљачковска, Лора Спасовска и Моника Вучковиќ Декоратери: Васил Мешковски, Дејан Стамчевски, Неџат Асан, Бурхан Муареми, Мартин Китановски, Синан Ракиповски, Ибрахим Рамановски, Нерхан Османовски, Хусеин Халили, Зекирија Алим, Дурмиш Сефер и Горјан Здравковски Работилница: Татјана Христоска (раководител на работилница), Ангел Петровски (вајар), Дарко Дуковски (вајар и макетар), Зоран Миновски (бравар) Раководител на општи, административни и правни работи: Васил Ризов Соработник за општи, административни и правни работи: Неда Ризова Раководител на кабинетот на директорот: Деспина Тодоровска Раководител на финансии: Кристина Ацковска Раководител на маркетинг: Сандра Стојмирова Помошник-раководител на маркетинг и односи со јавноста: Мила Анѓелковиќ Стручен соработник за меѓународна соработка: Марија Димитриевска Самостоен референт за административни работи: Лејла Станковиќ Помлад соработник за меѓународна соработка: Абаз Абази Архивар: Александра Шулевска-Гигевски Набавувач: Тоде Милевски Возач: Бојан Милевски

© 2026 Сите Настани