Опис
Претставата е работена по текст на романскиот, повеќекратно наградуван автор Матеј Вишњек, а во режија на Јари Јутинен. Таа раскажува приказна за луѓе од Истокот кои посегнуваат по митскиот Запад и неговото ветување за утописка иднина — само за на крај да сфатат дека возот од насловот всушност води кон илузија. „Западен експрес“ спротивставува две динамики на движење: онаа на Ориент експрес — легендарниот воз, симбол на западниот луксуз, и онаа на Оксидентал експрес, кој не е вистински воз, туку рој миграциски тела и умови што се движат кон најблиските епицентри на „американскиот модел“, кон земјите на Европската заедница. Авторот создава живописна фреска исполнета со проститутки и војници, дипломци и професори, музичари и актери, мигранти и затвореници. Претставата е поделена на тринаесет сцени, претежно автономни, поврзани преку авантурите на стар слеп човек кој ја проектира сенката на Едип и неговата трагична мудрост врз современите настани. Вишњек го набљудува Западот низ погледот на Истокот и ги прикажува источните земји во нивниот обид да го стигнат западниот мираж, при што го обезвреднуваат сопствениот јазик и културен идентитет. Во оваа претстава сите се загрозени и на раб на пропаѓање, но, од друга страна, нема апсолутно негативни простори. Со леснотија и радосно чувство за гротеска, авторот прикажува човештво и визионерската мисла што ни овозможува да разбереме каде сме и каде одиме.
* АКТЕРСКА ЕКИПА
* КРЕАТИВНА И ТЕХНИЧКА ЕКИПА
АКТЕРСКА ЕКИПА
Ивица Димитријевиќ
Мирјана Трпковска Костовска
Васко Костовски
КРЕАТИВНА И ТЕХНИЧКА ЕКИПА
Автор: Матеј Вишњек
Режисер: Јари Јутинен
Сценограф и костимограф: Кристина Божурска
Композитор: Јане Трајковски
Сценски движења: Геа Ерјавец
Дизајнер на светло: Дарко Младеновски
Фотограф: Наум Доксевски
Копродукциски проект помеѓу: Македонскиот народен театар,МИ Филм и Sadsongskomplex:fi
Проектот е поддржан од Министерство за култура и туризам на РСМ
