Опис
Пред цветната круна, силните бои и препознатливиот лик да станат светски симбол, постоела една жена која одбивала да му се предаде на животот. „Фрида“, за првпат на македонската театарска сцена, ја носи приказната за Фрида Кало зад портретите и легендата: жена со нескротлив дух, тело обележано со болка и огромен глад да сака, да создава и да живее.
Една несреќа засекогаш го менува нејзиното тело, но токму од таа скршеност се раѓа уметницата. Креветот станува ателје, огледалото станува свет, а болката добива боја. Фрида го слика она што најдобро го познава: сопственото тело, своите рани, своите желби, своите загуби. Не за да побегне од животот, туку за да му се спротивстави.
А во средиштето на животот на Фрида Кало е мексиканскиот сликар Диего Ривера. Големиот уметник, љубовник, сопатник, противник и нејзината најголема слабост. Нивната љубов е нежност и суровост, страст и предавство, разделување и непрестајно враќање еден кон друг. Околу нив пулсира еден свет на уметност, револуција, текила, мексикански ритми, политички судири и слобода која Фрида никогаш не бара дозвола да ја живее.
Од Мексико до Детроит и Париз, од средбите што ја менуваат до предавствата што ја кршат, „Фрида“ ја следи жената која повеќепати мора да се состави од сопствените парчиња. Жената која љуби без мерка, простува без да заборава, посакува, греши, беснее, се смее и повторно ја зема четката во рака. Зашто зад митот за силната Фрида постои нешто многу повозбудливо: човек кој понекогаш е ранлив, осамен и исплашен, но никогаш целосно покорен.
„Фрида“ не е приказна за тоа како една жена станала икона. Тоа е приказна за сè што морала да преживее за да остане своја. За телото што може да се скрши и духот што одбива да исчезне. За љубовта што истовремено спасува и уништува. И за уметноста која од минливиот човечки живот може да создаде нешто што останува.
Автор:
Драгана Левенска
Режисер:
Тамара Стојаноска
Сценограф:
Филип Коруновски
Костимограф:
Иван Ивановиќ
Композитор:
Марјан Неќак
Реализација и изработка на накитот:
Марта Поп Антоска-Башевска
Дизајн на светло:
Дарко Младеновски
Вајар/скулптор:
Ангелчо Петровски
Дизајн на плакатот:
Оливер Митковски
Фотограф:
Стефан Рајхл
Шминка и фризура:
Анастасија Димковска
Лектор:
Виктор Јовановски
Проектот е поддржан од: Министерството за култура и туризам на РСМ, Почесниот конзулат на Соединетите Мексикански Држави во РСМ, Фондацијата „Енвер Малиќи“, Diners Club Macedonia, Галеника и Пелистерка.
Актери
Драгана Левенска
Марија Бреслиска
Марија Талеска
Сашо Тасевски
