Опис
Монодрамата „Земја на волците“ е авторски текст на Тонка Мршиќ и Гала Николиќ. Жанровски, наликува на црна комедија со елементи на апсурд, а настана од потребата да се запрашаме што значи да се биде жена во мала заедница како Лика? Што значи да се биде жена во Хрватска?
Претставата се занимава со општествените норми, пред сè на Лика или на која било друга мала заедница, кои влијаат врз судбините на три Личанки во различни животни периоди.
Преку три различни карактери, авторките зборуваат за нашето патријархално општество, традиционализмот, положбата на жената во бракот, изборот, осаменоста, последиците од војната и неможноста поединецот да излезе од прангите на реченицата: „А што ќе речат луѓето?“
Претставата е проткаена со автобиографски елементи.
ЗА АВТОРКИТЕ
„Земја на волците“, својата дебитантска монодрама, ја изведува Тонка Мршиќ, по потекло од Госпиќ, место во Лика, Хрватска. Ги завршила додипломските студии на АПУРИ, во класата на Раде Шербеџија и Ленка Удовички, по што магистрирала актерска игра на истиот универзитет. Има играно во претстави на ХНК „Иван пл. Зајц“, Театарот „Улисис“ и во серијата „Подрачје без сигнал“ на Далибор Матаниќ. Има црна, нескротлива коса, ја презира војната, а за роденден најмногу од сè би сакала да добие крава.
Гала Николиќ, исто така, ги завршила додипломските студии во Риека, во класата на Ленка Удовички и Раде Шербеџија. Играла во претстави на ХНК „Иван пл. Зајц“, Театарот „Улисис“, ИНК – Пула и во филмот „Рибарење и рибарски приговарања“. Во моментов ги продолжува дипломските студии по актерска игра во Лос Анџелес, на Калифорнискиот институт за уметности (Тим Бартон, Софија Копола). Има црвена, нескротлива коса, ја презира војната и најмногу од сè би сакала да стане самовила на еден ден.
„Тешко е кога си од мало место. Многу се очекува од тебе.“ – Тонка
Претставата е финансирана од Студентскиот културен центар во Риека.
Режисерка:
Гала Николиќ
Авторки на текстот:
Тонка Мршиќ
Гала Николиќ
Мајстор на светло:
Марин Лукановиќ
Графички дизајнер:
Филип Колудровиќ
Авторка на видеото:
Сара Блажиќ
Сликарка:
Ѓана Кршуља
Фотографија за плакатот:
Миранда Леговиќ
Музика:
народни песни од Лика
Игра:
Тонка Мршиќ
