Театар и стенд-ап

Страв и надеж

Страв и надеж

Опис

Исказ на режисерката „Страв и надеж во Германија“ е оригиналниот наслов на драмата на Крец, која го претставува и првото дело на овој автор што ќе биде изведено во МНТ. Заедно со нобеловците Елфриде Јелинек и Петер Хандке, Франц Ксавер Крец е жив класик на германското говорно подрачје, а со Бертолт Брехт — и најизведуваниот германски драмски писател. Неговите исклучителни хиперреалистички драми оставиле силен белег врз современиот театар. Крец е комплексна авторска личност: драмски писател, поет, сценарист, актер и режисер. Човек со богато и разновидно работно и животно искуство: бил градинар, возач на камион, ѕидар, негувател… Ги познава животите на пролетеријатот, работниците, т. н. „мали луѓе“, понижените и навредените, кои системот ги експлоатира на различни начини. Тие луѓе се жртви на системот во кој живеат. Според зборовите на Крец: „Капитализмот и демократијата се, всушност, меѓусебно исклучиви. Капитализмот е догматска и тоталитарна идеологија.“ Како драмски писател првпат го привлекол вниманието на јавноста во 1970 година, кога две негови едночинки премиерно биле изведени во Минхенскиот камерен театар. Нивната тематика — мастурбација, абортус — предизвикала толку бурна реакција што театарот морал да биде ставен под полициска заштита. Списанието Theater Heute драмата Homeworker ја прогласило за „најважна нова драма во 1971 година“. Оттогаш до денес, Крец е автор што не престанува да провоцира — и тематски и формално-стилски — со своите драми. Освен екстремистичките христијански верски групи, против неговите дела протестирале и неонацистите. За своето творештво добил многубројни највисоки признанија. Да се биде општествено и уметнички провокативен не е исто што и да се биде агитпроп-писател или мајстор на скандали. Критичарот Ричард Гилман пишува дека Крец создал „театар на неартикулираните“ — длабоко политичка драма. Неговите дела денес добиваат засилени нови значења и сила, во време кога капитализмот ја достигнува екстазата на најнегативните облици. Крец вели: „Постоеше јаз меѓу реториката потребна за интелигентен Брехтов текст и неартикулираноста на стварниот живот. Бев млад човек што сакаше да го промени светот. Затоа сакав да го фатам тој буржоаски театар за глава — да создадам антитеатар.“ Во неговиот антитеатар, тишината и гестот се од суштинско значење и поседуваат хипнотичка сила. Во драмата „Страв и надеж во Германија“ токму тој јазичен момент доаѓа до израз: односот на тишината, нејзината полност, молкот на одредени ликови наспроти логореичноста на други. Разликата меѓу говорот, празното брборење и неможноста да се изразат болката и фрустрацијата. Што се крие во молкот, а што зад пороите зборови — тоа е суштинското прашање. На забелешките дека неговите драми се премногу екстремни за да бидат реалистични, Крец одговорил: „Токму спротивното. Реалноста е толку изопачена во својата немилосрдност што јас, како поет, останувам без зборови. Повеќе не може да се надмине стварноста. Најсуровите Шекспирови драми делуваат бледо кога ќе ги слушнете луѓето трауматизирани од војна. Јас сум љубител на екстремите. Колку поуспешно претерувам, толку е поголема веројатноста во тоа да има вистина.“ Драмите на Крец се изразито актерски, бидејќи и неговото пишување е обликувано од глумата: „Сè одглумувам сам за себе, испробувам. Играм сцени со поделени улоги, замислувајќи ги. На крајот на краиштата, умот е најубавото место за театар. Способноста да се ставите во туѓа кожа беше темелот на моето пишување. Емпатијата е продуктивна — повеќе од сочувството. На крајот на краиштата, и самиот глумев во своите дела. Во нив убивав, сакав… Така актерот Крец секогаш бил во служба на писателот Крец.“ Драмата „Страв и надеж во Германија“, Крец ја напишал во 1984 година. Нејзиниот првичен наслов бил „Страв и надеж во ДР Германија“, а по обединувањето на двете Германии, од насловот ја исфрлил одредницата „ДР“. Драмата на Крец во целина реферира на драмата на Бертолд Брехт „Стравот и бедата на Третиот Рајт“. Драмата „Страв и надеж“ е далеку од формата на добро скроена драма. Напротив, таа е еруптивен, инвентивен, имагинативен, провокативен и оригинален мозаик составен од 19 мини-драми — сцени, приказни. Формално е отворена, така што режисерот, по сопствен избор, може да ги одбере сцените и да изгради сопствена сценска целина. Таа е повик да се промисли моментот во кој живееме. Не ми е познато дека некаде е изведена во континуитет со сите 19 сцени. Драмата првпат ја прочитав пред речиси две децении, кога ја преведе прочуената актерка Рената Улмански — поточно, кога преведе дел од тие 19 сцени. Во тритомната „Антологија на современата германска драма“, делото е објавено во целост. Адаптацијата што ја направив вклучува 15 слики, од кои некои се прекомпонирани, скратени, поставени во изменет контекст, со променет пол на ликовите и нивните професии, а некои сцени се драматуршки недопрени. Адаптацијата претставува личен дијалог со авторот, како и сонговите што ги пишував инспирирана од Х. Мухика, Н. Чомски, Х. Милер и животот во 21. век. Претставата е сместена во 21. век, а не во 1984 година во Германија. Поточно, таа се случува денес — а тоа „денес“ е Орвеловата „1984“, која Крец со својот хиперреализам прецизно ја насетил и драмски ја оживеал. Ова е време на војни, геноцид, понижување на хуманистичките идеи — време на жива кал на цивилизација што се враќа во варварство, во најсофистицираната епоха на технофеудализмот. Во дневникот што го водел додека ја создавал драмата, запишал дека сите ликови ги гледа како стојат на работ и се подготвуваат да полетаат. Каде? Во небото или во бездната? Ликовите се фатени во кулминации, во точки на пукање, во моменти кога не можат да се справат со товарот на животот: губење работа, егзистенцијална несигурност и принуда, осаменост. Тие ситуации се жанровски разновидни — и хумористични и трагични. Јавното и приватното се преплетуваат. Политичката, економската и системската димензија продира во најинтимните пори на човековото постоење — во брачните и интимните односи. Дејството на драмата се одвива од Божиќ до Велигден, со епилог и претставува крик на надеж, страв и бес: како да се замисли иднината во свет во кој капитализмот ја нагризува самата човекова суштина и достоинство. Преку смеа? Преку иронија? Преку песна? Преку свест за другиот? Преку бунт? Преку театар — додека сè уште постои. * АКТЕРСКА ЕКИПА * КРЕАТИВНА И ТЕХНИЧКА ЕКИПА АКТЕРСКА ЕКИПА СЦЕНИ - УЛОГИ - АКТЕРИ 1.ЧЕКОРИ: БРАЧЕН ПАР – ВИЛИ и МАРТА – Сашко Коцев и Сашка  Димитровска 2.РАЗГОВОР: НЕПОЗНАТИОТ и НЕПОЗНАТАТА – Александар Микиќ и  Дарја Ризова 3.НА ЗДРАВЈЕ: ВИЛИ – Сашко Коцев 4.ВРАЌАЊЕ: БРАЧЕН ПАР – АНА и КАРЛ – Наталија Теодосиева и Никола Ристановски 5.СМРТ НА БОЖИК: БРАЧЕН ПАР – ЕРВИН и ЛЕНИ – Тони Михајловски и Тања Кочовска 6.ВО ШИРОК ЛАК: БРАЧЕН ПАР – АДАМ и ЛОЛА – Александар Микиќ и Лола Кукла 7.ГЕРМАНСКИ ЗА СТРАНЦИ: ГРЕТА и СТРАНЕЦОТ – Дарја Ризова и Дамјан Цветановски 8.СВЕДУВАЊЕ СМЕТКИ ВО СОПСТВЕНИТЕ ЧЕТИРИ ЅИДА: ЕВА – Наталија Теодосиева 9.СТРАШНИОТ СУД: БРАЧЕН ПАР РУЗАМ – Taњa Кочовска и Александар Микиќ 10.ПОТПИС НА ПИСАТЕЛКАТА: ЕМА и ИРМИ – Дарја Ризова и Наталија Теодосиева 11.НЕ!!!: КЕМАЛ АЛТУН – Дамјан Цветановски 12.ЖРТВЕНО ЈАГНЕ: БРАЧЕН ПАР – БАРБАРА и ТОМАC – Сашка  Димитровска и Тони Михајловски 13.ПТИЦА ВО КАФЕЗ: СТУДЕНТКА – Нела Павловска 14.ЛОЗИНКА: БРАЧЕН ПАР – ВИЛИ И МАРТА – Сашка  Димитровска и Сашко Коцев 15.МАКЕТА НА ИДНИНАТА: МАКЕТАРОТ – Никола Ристановски Корепетитор и пијано: Зоран Станишиќ Музички координатор и виолина: Стефан Котевски Кларинет: Никола Соколовски Кахон: Милена Наумовска КРЕАТИВНА И ТЕХНИЧКА ЕКИПА Режисер, адаптацијата на драмата и текст на сонгови: Татјана Мандиќ Ригонат Преведувач на текстот: Александар Русјаков Сценограф: Весна Поповиќ Костимограф: Роза Трајческа Композитор: Ирена Поповиќ-Драговиќ Дизајнер на видео: Јелена Тврдишиќ Извршни продуценти: Симона Угриновска и Виктор Рубен Инспициент: Вукица Александрова Суфлер: Мирослав Атанасовски Технички раководител: Гунтер Кубе Технички координатори: Даниела Атанасова и Југослав Ацески Дизајнери на светло: Игор Митревски Светло - мајстор: Игор Ѓеоргиев Техничари за светло: Горјан Teмелкоски, Дарко Младеновски, Кристијан Блажевски и Владо Ќулавковски Тон - мајстор: Александар Арсиќ Видеооператор: Александар Ацески Манипуланти на горен и долен погон: Васко Бојаџиски, Горан Димов,Трајче Тасевски и Ивица Урдаревиќ Гардеробери: Валентина Чонкова, Скендер Бериша и Елизабета Стамчевска Реквизитери: Соња Крстевска и Боби Ѓелиќ Шминкери и фризери: Бранка Пљачковска и Лора Спасовска Декоратери: Васил Мешковски, Дејан Стамчевски, Неџат Асан, Бурхан Муареми, Мартин Китановски, Синан Ракиповски, Ибрахим Рамановски, Нерхан Османовски, Хусеин Халили, Зекирија Алим и Дурмиш Сефер Работилница: Татјана Христоска (раководител на работилница), Ангел Петровски (вајар), Дарко Дуковски (вајар и макетар), Зоран Миновски (бравар) Фотограф: Стефан Рајхл Дизајнер на плакат и програмски каталог: Димитар Димитров Уредник на програмски каталог: Загорка Поп-Антоска Андовска Лектор на програмскиот каталог: Јана Петревска Директор на фотографија за рекламен видео материјал: Кристијан Теодоров Монтажер на рекламен видео материјал: Стефан Димитриески Раководител на општи, административни и правни работи: Васил Ризов Соработник за општи, административни и правни работи: Неда Ризова Раководител на кабинетот на директорот: Деспина Тодоровска Раководител на финансии: Кристина Ацковска Раководител на маркетинг: Сандра Стојмирова ПР консултант: Ивана Тасев Стручен соработник за меѓународна соработка: Марија Димитриевска Самостоен референт за административни работи: Лејла Станковиќ Помлад соработник за меѓународна соработка: Абаз Абази Архивар: Александра Шулевска - Гигевски Набавувач: Тоде Милевски Возач: Гоце Ангелковски

Поврзани објави

© 2026 Сите Настани